Дознајте повеќе за факултетот
Погледнете ја историјата и приказната на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
ЗАЧЕТОЦИ И РАЗВОЈ
Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е високообразовна, научна и јавна установа од областа на филолошките науки (науката за јазикот, литературата и дидактиката) во Република Македонија. Основан е се закон на Владата на НР Македонија за организирање на Универзитет во Скопје во 1945 година и со посебно Решение во 1946 година, а првите предавања се одржани на 16 декември 1946 година.
ДЕЈНОСТ
Во својата дејност од над 70 години, Филолошкиот факултет бележи богата традиција како институција од образовно-воспитно, научно-истражувачко и културно-духовно значење, со стекната меѓународна афирмација. Неговата целокупна дејност во областа на филологијата и културата е најтесно поврзана со националниот идентитет. Од основањето до денес, диплома стекнале над 9000 студенти, оспособувајќи се како филолози за нивната професија во областа на образованието и за работни места во други дејности од хуманитарната област. На Филолошкиот факултет стекнале знаења и вештини плејада истакнати наставници и научници, лингвисти и книжевни теоретичари, преведувачи и толкувачи, критичари од областа на книжевноста и културата, писатели и уредници, кои со својата дејност континуирано придонесуваат како во развојот на филолошките науки така и во општествениот, уметничкиот и културниот живот во Република Македонија.
ДОМЕНИ НА РАБОТА
Успешно вклопувајќи се во комплексните зафати за осовременување на високообразовниот систем, Филолошкиот факултет прави значајни усилби за издигнување на квалитетот на наставно-образовниот процес и за развој на научната дејност. Предмет на работењето на Факултетот како наставна и научна установа од областа на филолошките науки е: да подготвува стручњаци на додипломски, на постдипломски студии и докторски студии од областа на филолошките науки.
ЗА ПАТРОНОТ
Блаже Конески (Небрегово, 1921 – Скопје, 1993) е еден од основоположниците на македонистиката и македонската филологија, учесник во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик, истакнат професор, лингвист, литературен историчар, поет, прозаист, есеист, публицист, преведувач. Учествувал во втемелувањето на низа стожерни образовни и културно-уметнички институции, здруженија и манифестации: Универзитетот Св. Кирил и Методиј (бил ректор од 1958 до 1963 година), Македонската академија на науките и уметностите (бил прв претседател од 1967 до 1975 година).
НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од своето постоење 1946 до денес има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои позначајни се: – Наградата „11 Октомври“, 1976 година; – Повелба и плакета доделена на Факултетот од Универзитетот „Кирил и Методиј“ 1976 година (по повод 30-годишнината од основањето на првата високообразовната организација во СРМ); – Плакета на Факултетот доделена од Институтот за национална историја 1978 година.
ПРВ ЦИКЛУС ДОДИПЛОМСКИ СТУДИИ
Додипломските студии на Филолошкиот факултет траат 4 (четири) години, а од 2005 година наставата се изведува според критериумите на ЕКТ-системот и Болоњската декларација. Наставно-научната работа на Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ е организирана и се изведува преку единаесет катедри: 1.Катедра за македонски јазик 2.Катедра за македонска книжевност и култура 3.Катедра за албански јазик и книжевност 4.Катедра за туски јазик и книжевност 5.Катедра за славистика 6.Катедра за романски јазици и книжевности 7.Катедра за германски јазик и книжевност 8.Катедра за англиски јазик и книжевност 9.Катедра за општа и компаративна книжевност 10.Катедра за преведување и толкување 11.Катедра за италијански јазик и книжевност Во рамките на Факултетот од 2007 година работи и Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски јазик.
ВТОР ЦИКЛУС ДОДИПЛОМСКИ СТУДИИ
На Филолошкиот факултет “Блаже Конески” се организираат последипломски студии од научните области јазик и книжевност, и тоа: Македонски јазик Македонска книжевност Наука за јазик: Албански јазик, Турски јазик,Англиски јазик, Романистика, Германски јазик,Славистика (Русистика),Славистика (Полонистика). Наука за книжевност:Општа и компаративна книжевност, Албанска книжевност, Турска книжевност,Славистика (Полонистика),Англиска книжевност,Романистика,Германска книжевност.
МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
СОРАБОТКА Од своето постоење до денес Факултетот има остварено обемна и значајна меѓународна соработка преку склучување на меѓууниверзитетски договори, а меѓу позначајните се: – Воронешкиот државен универзитет; – Универзитетот Нова Сорбона Париз III, ИНАЛКО, Орлеан; – Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, Руска академија на науките; – Карловиот универзитет во Прага; – Масариковиот универзитет во Брно; – Универзитетите во Варшава, Катовице, Позањ и Ополе; – Јегјелонскиот универзитет во Краков; – Универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале; – Универзитетот во Грац, Австрија; – Универзитетите во Неапол, Бари, Удине; – Универзитетите во Истанбул, Анкара, Едрене; – Универзитетите во Тирана, Ѓирокастро; – Универзитетите во Љубљана, Марибор, Загреб, Белград, Нови Сад, Ниш, Софија, Солун. Со склучените меѓународни договори постигнати се договори за образовна, научна и културна соработка, за изработка на заеднички научноистражувачки проекти и теми, размена на визитинг-професори, размена на студенти и постдипломци, организирање на заеднички научни конференции, размена на специјалисти, учество на заеднички научни проекти, размена на публикации, книги, научна литература и сл.
ВРЕДНОСТИ
Највисоки академски стандарди и интегритет од наставниот кадар и од студентите; колегијалност и соработка; слобода на мислење и изразување; диверзитет, еднаквост и социјална правда; воспитување на студентите во духот на хуманоста и демократичноста; образование во текот на целиот живот.
ВИЗИЈА
Визијата на Филолошкиот факултет е да придонесе кон развојот и благосостојбата на општеството преку високо образование во кое новите генерации ќе стекнат, применат и надградат знаења и вештини неопходни за да станат еднакви и конкурентни граѓани во новиот глобален свет. Тоа сметаме дека ќе го постигнеме преку поттикнување на дух на интелектуална љубопитност, култура на космополитизам преку учење на светските и регионалните јазици и запознавање со нивните култури, како и промовирање на највисоките научно-истражувачки стандарди. На тој начин, ние ќе продолжиме да бидеме расадник на научници, педагози, преведувачи и интелектуалци кои ќе придонесат за развојот на македонскиот јазик, култура и општество преку нивната работа, творештво и дијалог на еднакво рамниште со светот кој не опкружува.
МИСИЈА
Мисијата на Филолошкиот факултет е да подготвува стручњаци од областа на филолошките науки; да организира и да развива научна и истражувачка дејност да се грижи за издигнување на наставен и научен подмладок и да организира разни форми на научно и стручно образование; да издава учебници, други учебни помагала, публикации, научни и стручни книги и др.; да работи на издигнување и усовршување на постојните кадри во соработка со други установи и институции; да организира и да учестува на симпозиуми, научни собири и други научни активности; да соработува со сродни наставно-научни институции во земјата и во странство со цел да се организира и упредува наставната и научната дејност на дисциплините што се изучуваат на Факултетот; организира и други форми на наставна и научна работа во рамките на други меѓународни програми и да изведува настава по странски јазици и по македонски јазик на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како матичен Факултет за овој вид настава.
